Манчестер сити ја тужи Премиер лигата заради „дискриминаторските“ правила!

Манчестер сите покрена судска постапка против Премиер лигата поради, како што тврди англискиот шампион, неправедни и „дискриминаторски“ правила кои постојат само за да го намалат нивниот успех.

Адвокатите на Сити поднесоа жалба на 165 страници, а рочиштето ќе почне во понеделник и ќе трае две недели.

Според англиските медиуми, тоа би можело да има огромна улога во процесот што се води против Манчестер сити поради 115 прекршувања на финансискиот фер-плеј на лигата, а расправата за тој процес почнува во ноември.

Сити во тужбата тврди дека правилата, изгласани од нивните ривали, се „тиранија на мнозинството“, а тужбата е насочена кон правилата поврзани со спонзорските договори.

Во 2021 година, откако Саудијците го презедоа Њукасл, Премиер лигата им забрани на клубовите да „пумпааат“ спонзорските договори со компаниите во сопственост на нивните газди.

Според овие правила, спонзорските договори мора да бидат во нормални пазарни рамки, што е едно од основите на тужбата на Премиер лигата против Сити.

Манчестер сити има четири огромни спонзорски договори со компании од Абу Даби, кои директно или индиректно се поврзани со Шеикот Мансур, сопственикот на клубот.

Од 2009 до 2023 година, тврдат од Премиер лигата, овие компании испумпувале огромни суми пари во клубот, кои биле претставувани како спонзорски договори иако очигледно биле превисоки.

Сити смета дека Премиер лигата не треба да ги ограничува спонзорските договори, туку спонзорите да можат да одлучат колку ќе инвестираат во некој клуб. Сити не е единствениот клуб во лигата кој е спонзориран од сопствениците преку компании.

Њукасл на своите дресови го носи логото на саудиската компанија Села, а Челси има огромен спонзорски договор со Инфинит Атлет, кој е во сопственост на газдата на клубот Тод Бели.

„Тајмс“, кој прв ја објави приказната, пишува дека Сити во обвинението навел оти новите правила на лигата се „рестриктивни и антиконкурентни“. Покрај тоа, Сити наводно бара компензација за загубите предизвикани од воведувањето на новите правила во 2021 година.

Клубот ангажираше три големи адвокатски канцеларии за да му помогнат во случајот, кои работат на докажување дека најголемите клубови во Англија ги изгласале правилата за да се заштитат од влез на нов капитал во лигата.

– Сити тврди дека немало ограничувања во времето кога Манчестер јунајтед прераснал во еден од најголемите брендови во светот и дека Манчестер сити денеска има многу тешка задача да се приближи до имиџот на Јунајтед.

Сити тврди дека новите правила се насочени директно кон клубовите со не толку славно минато и дека, доколку вака продолжи, цените на билетите ќе мора да бидат повисоки.

Во истовреме клубовите не ќе можат да инвестираат толку многу во локалните заедници и во фудбалски школи, пишува Тајмс.

Англиските медиуми тврдат дека овој потег на Сити е само обид да се оттргне вниманието од процесот што се води против него. Додаваат и дека Премиер лигата би можела да ги насочи своите најсилни адвокати на тој процес и да ги отстрани од оној што се води против Сити и дека токму тоа е планот на клубот.

Премиер лигата лани го тужеше Сити за дури 115 прекршувања на финансискиот фер-плеј. Доколку Сити биде прогласен за виновен, би можел да добие милионски казни, одземање бодови, па дури и исфрлање од лигата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО