Макрон ќе го посети олимпиското село во Париз во кое ќе бидат сместени 14.500 спортисти

Пет месеци пред почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз (26 јули – 11 август), францускиот претседател Емануел Макрон утре ќе го посети Олимпиското село во Сен Дени, во кое ќе бидат сместени околу 14.500 спортисти со нивните тренери.

Францускиот претседател, последен пат беше таму пред повеќе од две години, во октомври 2021 година.

Тогаш на тоа место се’ уште беше огромно градилиште, кое сега се трансформира во огромно „село“ со речиси 82 згради, 3.000 станови и 7.200 соби, на 52 хектари северно од Париз, помеѓу Сен Дени, островот Сен Дени и Сен Оуен.

Изградбата на селото кое свечено ќе биде отворено во јули пред почетокот на ЛОИ, траеше седум години. Становите се’ уште се празни, допрва ќе треба да се опремат со мебел и да се организираат сервисни центри за спортисти.

– Вкупно ќе бидат донесени повеќе од 345.000 парчиња. Ќе има 14.250 покривки, масички покрај креветите, кревети, 8.200 вентилатори и 5.535 софи. Ќе има по двајца спортист(к)и во соба од 12 м2 и бања за четири лица, изјави Лоран Мишо, директор на Олимпиското и на Параолимпиското село во Париз 2024 година.

Опремата на овие апартмани, како и многубројните услуги во кои ќе уживаат спортистите и нивниот персонал, ќе бидат обезбедени од спонзорите.

– Тоа е село го градевме со спортистите и за спортистите, за да може секој да има се’ што му е потребно. Спортистите ќе можат да ги перат алиштата во околу 600 машини за перење и за сушење. Тие ќе имаат 24-часовен пристап до џиновскиот ресторан со варијација на шест кулинарски теми (Италија, Азија, Франција итн.) со речиси 3.200 седишта и 40.000 оброци кои ќе се служат дневно, вели Мишо.

Продавница, полициска станица, фризерски салон, фитнес центар, шанк – но без алкохол – и мултиконфесионален центар, дури и пошта, привремено ќе бидат поставени во овој „град“ кој ќе нема градоначалник.

На располагање ќе има и поликлиника со површина од 3.000 м2, а за разгледување на селото ќе има велосипеди и електрични шатлови кои ќе работат 24 часа на ден.

Кога ќе завршат Параолимписките игри во средината на септември, апартманите ќе бидат реконфигурирани за да се сместат жителите и деловните субјекти во оваа област.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО