Машката македонска кошаркарска репрезентација „Под 16“ години ги започна подготовките за настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое од 6 до 15 август ќе се одржи во Гевгелија и Скопје. По завршувањето на селективниот процес, во кој беа вклучени околу 40 до 45 кошаркари од оваа возрасна категорија, стручниот штаб го скрати списокот на 16 кандидати.
Првиот дел од подготовките е насочен кон проверка и подобрување на физичката подготвеност на репрезентативците.
– Оваа прва фаза ја стартуваме со тестови за физичка проверка на кошаркарите на кои ќе сметаме во наредната фаза од подготовките. Оваа седмица ќе ја поминеме токму во секојдневно проверување и подигнување на физичката подготвеност кај играчите. Морам да истакнам дека успешно ги издржаа сите напори кои ги носат овие тренинзи, а тие никогаш не се лесни“, вели селекторот Дејан Стојановски.
Покрај селекторот Стојановски, во работата со кадетската репрезентација се вклучени и асистентите Павел Вилев, Еркан Исмаили и Живко Старделов, како и Александар Зунзуровски, Александар Спирковски и Филип Колевски, кој е задолжен за физичката подготовка на репрезентативците.
– За време на викендот планираме овие 16 играчи да ги поделиме во две групи кои ќе одиграат меѓусебен натпревар. Веќе следната недела нè очекуваат и првите вистински проверки. Од 16 до 18 јули ќе гостуваме во Бугарија, каде договоривме два контролни натпревари – на 17 јули против домашната селекција „Под 16“, а на 18 јули против репрезентацијата на Ирска. Тие натпревари ќе бидат нов показател за нашата работа и дополнителен филтер, по кој подготовките ќе ги продолжиме со 14 кошаркари“, истакнува Стојановски.
Подготовките на македонската кадетска репрезентација ќе продолжат според утврдениот план, со јасна цел тимот максимално подготвен да го дочека Европското првенство, кое ова лето ќе се игра пред домашната публика во Гевгелија и Скопје.