Лука Модриќ ќе го носи дресот на Милан и во новата сезона, тврдат италијанските медиуми. Според италијанскиот специјализиран портал „planetamilan.it“, партнер на „Ла Газета дело Спорт“, хрватскиот играч од средниот ред одлучил да ја прифати опцијата за продолжување на договорот за уште една година под истите услови.
Одлуката дојде откако новиот тренер Рубен Аморим јавно потврди дека смета на него, а сопственикот Гери Кардинале и Златан Ибрахимовиќ одиграа клучна улога во преговорите.
„Очекуваме да ни се придружи за неколку дена. Тој е играч што сакаме да го задржиме поради неговото искуство и класа. Мислам дека е клучен за нас, особено на почетокот на сезоната за полесно да воспоставиме посед на топката. Не велам дека ќе игра на секој натпревар, но навистина сметаме на него. Знам дека раководството го контактирало и него, а разговарав и со него“, рече Аморим.
Договорот на Модриќ истече на 30 јуни, што го прави формално слободен агент. Сепак, во договорот имаше опција за продолжување за уште една година, која играчот можеше да ја активира.
Ова ќе го помести новиот датум на истекување на договорот на 30 јуни 2027 година. Продолжувањето ќе се реализира под истите финансиски услови како и минатата сезона. Нето платата на Модриќ ќе остане четир милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите.
Во новиот тактички систем 3-4-2-1, Модриќ ќе игра во среден ред со двајца играчи, што е промена од формацијата со тројца играчи во средниот ред на која беше навикнат под водство на поранешниот тренер Масимилијано Алегри.
Иако неговите минути ќе бидат внимателно распоредени за да биде свеж за клучните натпревари, неговиот придонес во организацијата на играта и лидерските вештини се сметаат за неопходни за играта на новиот Милан, пишуваат италијанските медиуми.
Минатата сезона, во својата дебитантска година во Италија, Модриќ го носеше дресот на Милан на 37 натпревари. Тој постигна два гола и забележа четири асистенции.