Ливерпул денеска одбележува 35 години од катастрофата на „Хилсборо“

Во Ливерпул денеска со едноминутно молчење ќе се одбележи 35-годишнината од катастрофата во Хилсборо. На 15 април 1989 година, на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд, загинаа 97 деца, жени и мажи, навивачи на Ливерпул (38 од нив помлади од 19 години), а 766 беа повредени, во најголемата несреќа во спортската историја на Англија.

Пригодната церемонија ќе се одржи пред Ексченџ Флагс зградата во близина на Градското собрание во 15.06 часот, во времето кога беше прекинат натпреварот пред 35 години. На церемонија ќе присуствуваат играчите и луѓе од клубот, како и други видни луѓе, предводени од градоначалникот на Ливерпул, Мери Расмусен.

Тогаш ѕвоното ќе бие 97 пати, во знак на почит кон секоја жртва. Знамињата, ќе бидат спуштени на половина копје на објектите низ градот, а Градското собрание ќе светне во црвено вечерва, соопшти Советот на општината.

На 15 април 1989-та, беше закажан полуфиналниот натпревар во ФА купот, Ливерпул – Нотингем форест, на стадионот на Шефилд вензди со капацитет од 39.000 гледачи, на кој кобниот ден имаше повеќе од 50.000 гледачи.

До трагедијата дошло по серијата фатални грешки на одговорните за безбедноста на навивачите, а катастрофата започнала откако навивачите на Ливерпул на 30-на минути до почетокот на мечот тргнале кон стадионот, кон трибината „Лепингс лејн“.

Пред стадионот и при влегувањето настанала голема мешаница, се создало и тесно грло, а полицијата ја изгубила контролата врз толпата. Тогаш е направена една од фаталните грешки, била отворена една од вратите кон трибината, без полицијата да обезбеди каков-таков ред.

Навалицата од навивачи почнала да ги притиска тие што биле внатре, кои биле притиснати до оградата и буквално згмечени не успевале да се искачат преку оградата и да влезат на теренот.

Потоа во општата конфузија од 44-те амбуланти автомобили што пристигнале на помош само на еден му било дозволено да влезе на стадионот. Епилогот од таквата некоординираност е дека само 14 од 96-те фатално повредени лица биле пренесени во болница.

Полицијата на Јужен Јоркшир потоа ќе ги обвини навивачите на Ливерпул дека самите се виновни за трагедијата, тврдејќи дека биле пијани, насилни и оти не соработувале.

По несреќата, британската влада формира комисија, која требаше да ги испита причините за несреќата. Во извештајот на лордот Тејлор од 1990 година се наведува дека причината за трагедијата е лошата полициска контрола. Сепак, следната година било одлучено дека нема доволно докази за да се започне истрага против надлежните полициски службеници.

По неуморната кампања предводена од ужалените семејства и преживеаните, во 2012 година Високиот суд ги укина оригиналните пресуди за смртните случаи и нареди нова истрага, најдолга во британската правна историја.

Во 2016 година истрагата ќе ги отфрли обвинувањата и навивачите ќе ги ослободи од вина, откривајќи дека тие не се однесувале недолично и на начин што би предизвикал или што би придонел за опасната ситуација на трибината.

Катастрофата на „Хилсборо“ од корен го промени британскиот фудбал. Смртта на навивачите ги увери властите за недостатоците на фудбалските стадиони.

Во наодите од истрагата на лордот Тејлор, покрај другите работи, било препорачано на поголемите стадиони во Британија сите места да бидат за седење што било сторено до август 1994 година. Високите огради подигнати како одговор на инвазијата на терените во 1970-тите и 1980-тите, исто така исчезнаа.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО