Кошаркарите на Пелистер, домаќинот на завршниот турнир во кошаркарскиот Куп на Македонија, денеска во полуфиналето (19.30 ч.) играат со Еуро Никел со надеж дека ќе обезбедат финале.
Искусниот капитен-поентер, Александар Костоски, пред дуелот вели дека фаворитската улога ја имаат „зелено-белите“.
-Направивме анализа на последниот меч со Еуро Никел и знаеме дека тие имаат точно одредени задачи за играчите. Еден од клучните фактори на овој меч ќе биде да ги оневозможиме да воспостават игра која им одговара, а тоа е мирен проток на топката што ја негуваат од почетокот на сезоната.
Се надевам дека со помош на нашите навивачи ќе оствариме уште една победа и ќе и донесеме на Битола историско финале. Ние сме силно мотивирани, купот го организиравме да играме во финалето и да го освоиме. Имаме квалитетен ростер, кој во следниот период треба да покаже дека местото му е меѓу фаворитите, не само за освојување купот туку и на првенството, вели Костоски.
Костовски смета дека ротацијата ќе биде главната предност на неговиот тим на овој меч,
-Еуро Никел игра со 6 до 7 играчи во ротација. Ние имаме подобар избор, побрза игра, побрза транзиција. Ќе се обидеме да го искористиме тоа за да дојдеме до победата, истакна Костоски, еден од најискусните во составот на Пелистер, за Спортското радио 90.3 фм.