Гут-Бехрами може да го повтори подвигот на Шифрин

Швајцарката Лара Гут-Бехрами денеска ја забелeжа четвртата победа во низа сезонава, на скратениот спуст во Кран Монтана во рамките на Светскиот куп (СК) во алпско скијање.

За Гут- Бехрами тоа беше и четврта победа во Кран Монтана по што има предност од 105 поени пред Американката Микаела Шифрин во генералниот поредок и во трката за големиот „кристален глобус“ за севкупната победничка во СК.

Таа, исто така, е блиску до триумф и во спуст, бидејќи заостанува само 41 поен зад Италијанката Софија Гоџа, која се повреди и е надвор од конкуренција.

Треба да се напомене дека Гут-Бехрами води и во велеслалом со значителни 135 поени пред уште една Италијанка, Федерика Брињоне, како и во супервелеслалом, со 10 поени повеќе од Австријката Корнелија Хутер!

Таа има реални шанси да го повтори подвигот на Шифрин од 2019 година кога освои четири „кристални глобуси“.

Гут-Бехрами атакува на втората титула во генералниот поредок во СК, осум години откако ја освои првата. Тоа би се израмнила со Австријката Анемари Мозер-Прел, која ја освои првата титула во 1971-та, а шестата во 1979 година, и е единствената жена скијачка која победила со разлика од осум години.

Шифрин може да ја освои шестата титула најдобра во СК, но во моментов се опоравува од повредата на левото колено.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО