Јапонецот Кобајаши најдобар на новогодишната турнеја, без ниту една победа на Четирите скокалници

Лидерот во генералниот поредок во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, Австриецот Стефан Крафт победи на последниот натпревар на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во Бишофсхофен, со скоковите од 136,5 и 140 метри.

Но севкупната победа и „Златниот орел“ по трет пат му припаднаа на Јапонецот Роју Кобајаши, кој во првата серија во Бишофсхофен прескокна 137, а во втората 139 метри и заостана само 1,3 поени зад Крафт.

Она што е вистинска реткост е тоа што Кобајаши беше втор на четирите натпревари на годинашната турнеја, но сепак доволно за конечен триумф.

За Кобајаши ова беше прв „Златен орел“ по 2019 година, кога стана третиот скокач во историјата, покрај Германецот Свен Ханавалд (2002) и Полјакот Камил Стох (2018-та), кој го освојува трофејот победувајќи на сите четири скокалници. Кобајаши втората победа ја забележа во 2022 година, кога победи на првите три скокалници, но не и на последната во Бишофсхофен.

Годинава на турнејата победуваа Андреас Велингер (во Оберсдорф), Анже Ланишек (Гармиш-Партенкирхен), Јан Хоерл (Инсбрук) и Стефан Крафт (Бишофсхофен).

Во Светскиот куп, по шестата победа на 12-те натпревари сезонава во убедливо водство е Крафт со 909 бодови, пред Велингер (697) и пред Кобајаши (591 бод).

На листата на најуспешни скокачи на новогодишната турнеја „Четири скокалници“, Роју Кобајаши со трите победи им се приклучи на Германецот Хелмут Рекнагел, Норвежанецот Бјорн Виркола и на Полјакот Камил Стох.

Рекордот го држи Финецот Јане Ахонен со пет победи, Германецот Јенс Вајсфлог има четири победи итн.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО