Топ тема во репрезентативниот фудбал деновиве е оставката на Герет Саутгејт (53) како селектор на Англија. Тој го исполни ветувањето дека ќе се повлече од клупата доколку Англија не го освои ЕП, што и се случи, по поразот од Шпанија во финалето.
Од моментот на оставката почнаа шпекулациите за тоа кој ќе биде негов наследник, а во оптек се многу имиња. Како прв кандидат „исплива“ менаџерот на Њукасл, Еди Хау, а се споменуваа имињата на Грем Потер, Ли Карсли и на Маурисио Покетино, како и на легендите на англискиот фудбал, Стивен Џерард и Френк Лампард.
Но сега се појави уште еден кандидат. „Сан“ и „Билд“ пишуваат дека еден од заинтересираните за оваа работа е и поранешниот селектор на Германија, Јоаким Лев (64).
Тој беше селектор на Германија 15 години (од 2006 до 2021), а најголем успех му беше освојувањето на Светското првенство (СП) во Бразил 2014 година. Интересно е тоа што последниот натпревар на Лев на германската клупа беше против Англија на Герет Саутгејт на ЕП 2020, кога загуби со 0:2 и беше елиминиран од турнирот.