Илјадници бездомници се преместени од Париз и од неговата околина пред Олимписките игри (ОИ) што ќе се одржат во француската престолнина од 26 јули до 11 август, наведува француската хуманитарна организација „Другата страна на паричката“.
Активистите од таа организација велат дека меѓу бездомниците кои се преселени има и баратели на азил, како и семејства и деца кои и онака се во тешка ситуација. Организацијата истакна дека во таа „операција“ биле опфатени проститутките и зависниците од дрога.
Се наведува дека од април минатата година 12.545 луѓе се преместени од Париз и од неговата околина поради ОИ, како и дека луѓето се превезувани со автобуси до привремените регионални центри формирани минатата година.
Организацијата забележува дека се потребни најмалку 20.000 домови ширум Франција, вклучително и 7.000 во регионот Ил де Франс, за да се обезбеди долгорочно решение за бездомниците.