Пеп Гвардиола се надева дека Манчестер Сити ќе успее да се врати на врвот на англискиот фудбал во новата сезона, но паралелно со амбициите, трофејниот стратег е свесен дека крајот на неговата ера на „Етихад“ е сè поблиску.
Каталонецот ги освои сите можни трофеи со Сити, а неодамна го продолжи договорот со клубот до јуни 2027 година. Сепак, не е исклучено уште следното лето да се раздели со англискиот шампион.
„Едно е сигурно – кога ќе си заминам од Манчестер Сити, тоа ќе биде и мое повлекување на неодредено време. Не знам кога и дали ќе се вратам на тренерската работа. Ќе ми треба долг, долг одмор. Навистина сум исцрпен“, откри Гвардиола.
Тој потсети на сличната ситуација по заминувањето од Барселона:
„И тогаш морав да се оддалечам од сè за да се регенерирам. Не знам колку ќе трае овојпат, но можам да гарантирам дека по заминувањето од Сити, нема да размислувам за нов тренерски ангажман извесен период.“
Останува да се види дали оваа сезона ќе биде последна за Гвардиола на клупата на Сити и дали ќе го заокружи својот мандат со уште еден голем успех.