Грузија испиша историја, за првпат ќе игра на Европско

Ноќ за историја – фудбалската репрезентација на Грузија за првпат се пласираше на Европското првенство кое летово се одржува во Германија.

На преполната арена во Тбилиси, пред околу 55 илјади гледачи, Грузија ја совлада Грција со 4:2, по подобро изведување на пенали.

Во првото полувреме гостинската екипа имаше иницијатива, поголем посед на топката, а домашните се обидуваа да постигнат гол со контранапади, но немаше поголеми шанси. Екипите продолжија во ист ритам и во вториот дел, а добра шанса не искористи Бакасетас, додека на другата страна Кварацхелија се обиде да биде херој, но не успеа да постигне гол.

Во продолжението имаше најмногу возбудувања, но и најреални шанси, а гостите ја пропуштија првата. Поточно Бакасетас чиј удар го одбрани Мамардашвили, а потоа и Мавропанос кој со глава ја погоди пречката.

Шанса имаше и Грузија, а Давиташвили од околу пет метри не успеа да го совлада Влаходимос.

Следуваа пенали, а Грците двапати промашија, за славје на домашните фанови.
Грузија на Европското првенство ќе игра со Турција, Чешка и Португалија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО