Навивачката еуфорија веќе започна! ФИФА соопшти дека се продадени повеќе од еден милион влезници за Светското првенство во фудбал 2026, кое првпат во историјата ќе се одржи во три држави – САД, Канада и Мексико.
Иако до почетокот на Мундијалот има уште повеќе од една година, интересот е огромен. Најмногу билети купиле навивачи од земјите домаќини, но и фанови од вкупно 212 држави и територии низ целиот свет.
Во моментов се познати 28 од 48 учесници, но тоа не ја намали фудбалската еуфорија. Според ФИФА, најголем интерес за билетите покажале љубителите на фудбалот од Англија, Германија, Бразил, Шпанија, Колумбија, Аргентина и Франција.
Светското првенство 2026 ќе биде најголемото досега — со 48 репрезентации, 104 натпревари и 16 градови домаќини. Очекувањата се дека ќе паднат сите досегашни рекорди за посетеност и гледаност.
Фудбалскиот спектакл што следува ќе биде нешто невидено досега — а љубителите на најпопуларниот спорт веќе не можат да дочекаат првото судиско свирче!