(ФОТО) Баер Леверкузен ја освои Бундеслигата во фантастичен стил и не е повеќе „Неверкузен“

Баер Леверкузен е шампион на Германија, за прв пат во 120-годишната историја. Тимот на Чаби Алонсо ја освои титулата на пет натпревари до крајот по убедливата победа од 5:0 над Вердер Бремен, пред своите навивачи.

Пресреќните навивачи втрчаа на теренот за да слават откако Баер стигна до 79 бода, 16 повеќе од најблискиот ривал Баерн Минхен, и можни 15 бода за освојување до крајот. „Фармацевите“ се 13-от клуб што триумфирал во Бундеслигата и првиот нов шампион по Волфсбург во 2008/09-та.

Триумфот на Баер и стави крај на доминацијата на Баерн Минхен кој освои 11 титули во низа. Баварците доминираа до тој степен во германскиот фудбал што последен тим што ја освоил Бундеслигата, освен Баерн, беше Борусија Дортмунд во 2012 година.

Баер ја обезбеди титулата откако остана непоразен цела сезона и покрај обврските во Лига Европа (ЛЕ) и во Купот на Германија. Тимот на Алонсо загуби само осум бода, победувајќи на 25 од 29 натпревари и ремизирајќи на другите четири.

Покрај тоа, тие се на пат до неверојатна тројна круна. Во првиот четвртфинален натпревар на ЛЕ го победија Вест хем со 2-0, а во финалето на германскиот куп, на 25 мај, ќе играат со второлигашот Кајзерслаутерн.

Серијата без пораз на Баер изнесува 43 натпревари во сите натпреварувања и доколку продолжат во тој стил до крајот на сезоната, ќе го соборат рекордот на Бенфика во 1960-те.

На 43-те натпревари сезонава, Баер победи 38 пати и петпати ремизираше, постигнувајќи 123 и примајќи само 31 гол. Последниот пораз беше на 27 мај 2023 година.

Со победата над Вердер во неделата, Леверкузен постави нов рекорд за најдолг старт без пораз во една сезона во Бундеслигата. Претходниот рекорд беше серијата на Баерн од 28 натпревари во првата кампања на Пеп Гвардиола, во 2013/14-та.

Во 2001/02-та, Баер бркаше тројна круна, во Бундеслигата, во Купот на Германија и во Лигата на шампиони (ЛШ). Останаа без трофеј, заостанаа еден бод во домашната лига, зад шампионот Борусија Дортмунд, загубија од Реал Мадрид  (1:2) во финалето на ЛШ и беа поразени од Шалке (2:4) во финалето на Купот на Германија.

По таа кампања петкратниот вицешампион во Бундеслигата, Баер Леверкузен го доби прекарот Неверкузен, „белег“ што клубот се бореше да го отфрли, и се избори со освојувањето на титулата во Бундеслигата. Ова е прв трофеј за Баер по оној во Купот на Германија1993 година и победата над Херта Берлин со 1:0.

Гранит Џака го постигна вториот гол за Леверкузен против Вердер Бремен, негов втор гол сезонава во Бундеслигата откако минатото лето дојде од Арсенал. Искуството на швајцарскиот играч од средниот ред се покажа како клучно за Баер.

Нигерискиот напаѓач Виктор Бонифејс во неделата го постигна 11-от првенствен гол сезонава, а младиот германскиот напаѓач, Флоријан Вирц влезе од клупата за да постигне хет-трик во второто полувреме.

Вирц е првиот играч кој постигна хет-трик во Бундеслигата откако влегол во игра од клупата за резерви, по Ерлинг Халанд за Борусија Дортмунд во 2020 година. Алекс Грималдо (9) и Џереми Фримпонг (8) исто така постигнаа витални голови.

Тренерските методи на Чаби Алонсо (42) исто така се фалени. Алонсо, трикратен шампион во Бундеслигата со Баерн Минхен и освојувачот на ЛШ со Реал Мадрид, како играч, беше поврзуван со поранешните клубови Ливерпул и Баерн кои бараат нови тренери. Но Алонсо, сепак, одлучи да остане во Леверкузен, каде што навивачите го обожуваат.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО