Женскиот фудбалски клуб Каменица Саса, поранешен шампион на Македонија, се соочува со сериозен удар – доби забрана за трансфери од страна на ФИФА, која ќе важи во наредните три преодни рока.
Клубот од Македонска Каменица е ставен на официјалната листа на санкционирани клубови на светската фудбалска федерација, а мерката е активна од 22 јули. Причината за забраната е финансиски долг кон странски фудбалер или тренер, според прописите на ФИФА.
Со оваа одлука, ЖФК Каменица Саса нема да може да доведува нови засилувања во наредниот период, што значително ќе влијае врз нивните спортски амбиции.
Покрај Каменица Саса, на листата од Македонија се наоѓа и клубот Воска Спорт, кој е веќе санкциониран и исфрлен во најнизок ранг, откако одби да одигра натпревари во Првата македонска фудбалска лига.