ФА купот со нов формат, се укинува и зимската пауза во Премиер лигата

Почнувајќи од следната 2024/25, ФА купот на Англија ќе претрпе значителни измени. Од првото коло па натаму, се укинуваат повторените мечеви.

Натпреварите ќе се играат за време на викендите (досега во средината од неделата), вклучувајќи го и петтото коло кое се играше во средината од неделата во последните пет сезони.

Оваа одлука е дел од поширокиот шестгодишен договор меѓу ФА и Премиер лигата, за да се прилагоди натпреварувањето на се’ позгустаниот календар.

Финалето на ФА купот е презакажано за претпоследниот викенд од сезоната во Премиер лигата, со што се осигурува дека нема да се судри со натпреварите во лигата, во пресрет на кулминацијата на сезоната.

Финалниот меч ќе се игра в сабота, и ќе биде независен од натпреварите во Премиер лигата, како и петокот пред финалето, „за да се овозможи фокусирање на ревијалниот настан“.

Премиер лигата, исто така, ја укинува и кратката, зимска пауза во полусезоната, одлука која се базира врз „стручни совети од медицинските и техничките оддели“. Натпреварите во шампионатот ќе почнат во средината на август, по тринеделната летна пауза.

Квалификациските рунди во ФА купот во кои се тимовите од петтото до десеттото ниво на англискиот фудбал и се натпреваруваат за 32 места во првото коло, сепак ќе имаат репризи.

Во првото коло од ФА купот влегуваат професионалните тимови од Лига 1 и Лига 2, а тимовите од Чемпионшип и од Премиер лигата им се приклучуваат од третото коло.

Другите промени се однесуваат на четвртото и петтото коло, и на четвртфиналето, кога за првпат ќе нема совпаѓање со натпревари во Премиер лигата. Четвртото коло ќе се игра во продолжен „прозорец“, од петок до среда.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО