Евролига: Реал го доби драматичното „Ел Класико“, Париз со Шортс до нова победа

Македонскиот репрезентативец, Ти-Џеј Шортс со супер квалитетно издание му донесе победа над Париз над Баер Минхен (93:88) во пресметката во кошаркарската Евролига.

Плејмејкерот беше расположен за игра и со 27 поени, 3 скока и 3 асистенции му го отвори патот на неговиот тим до 16. славје во оваа конкуренција.

Втор стрелец беше Ло со 14 кошеви кошеви што јасно покажува каква улога имаше Шортс кој пак на другата страна дефинитивно имаше противник за надигрување во Едвардс со 29 поени и 5 скока.

Нено Димитријевиќ пак со Олимпија Милано славеше над Монако со 86:80. Пресудна се покажа втората четвртина која „манекените“ ја реализираа со 31:23.

Миротиќ и Шилдс со 22 и 19 поени беа во фокусот, Окобо за гостите застана на 16 кошеви. Нашиот Димитријевиќ доби 12 минути од тренерот Месина, период во кој реализираше 4 поени со исто толку асистенции и 2 скока.

Во Мадрид пак се одигра „Ел Класико“ во кое Реал ја доби ослабената Барса со 96:91. Гостите не можеа да сметаат на неколку важни играчи како Лапровитола, Весели, Пантер и Нуњез, ама и без нив беше рамноправна со „кралевите“ до последната минута во која избраниците на Матео подобро се снајдоа и запишаа важен триумф.

Хезоња со 19 и Кампацо со 18 поени беа на врвот на листата на стрелци кај победникот, Паркер и Пара за поразените искомбинираа 48 кошеви.

На другите две средби Звезда загуби од Жалгирис со 80:86 и Макаби го изненади Фенербахче со 94:76.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ




НАЈНОВО