Еурофарм Пелистер во преполна сала посакува изненадување против ПСЖ

Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер вечерва (18.45 часот) се среќава со ПСЖ, најбогатиот ракометен клуб во светот. Со оваа средба започнува втората фаза или пролетниот дел од сезоната во Лигата на шампиони (ЛШ), односно 11. коло од групата Б.

Пред четири дена во Битола, пред полна сала и во одлична атмосфера, Еурофарм Пелистер го совлада Вардар во првиот натпревар од плеј-офот.

Слична атмосфера се очекува и вечерва во салата „Боро Чурлевски“ која повторно е распродадена. Ѕвездите на ПСЖ предводени од тренерот Раул Гонзалез, ќе можат во живо да ја почувствуваат атмосферата во салата во Битола.

Она што ги радува битолчани и тренерот Бранислав Ангеловски е фактот што во тимот за првпат ќе биде левото крило и ракометарот со огромно искуство во ЛШ, Дејан Манасков.

Манасков во Битола пристигна пред неколку недели како претпоследно засилување во овој преоден рок, но поради суспензијата не можеше да настапи против Вардар во саботата. Тој дебито во дресот на новиот тим ќе го има во ЛШ и тоа против моќниот ПСЖ.

За разлика од Манасков, второто зимско засилување на пелистерци, Полјакот Матеуж Пјеховски сè уште нема дозвола за настап.

Улогата на фаворит секако ја има гостинскиот тим. ПСЖ не блеска сезонава во ЛШ, но сепак станува збор за тим составен од врвни играчи, на чело со Никола Карабатиќ, кој ја игра  последната сезона во кариерата.

Французите по 10. кола се на четвртата позиција на табелата со 11 бода, а Пелистер е последен, без ниту еден бод.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО