ЕП 2024: Колку ќе заработи секоја нација?

Европското првенство (ЕП) во фудбал во Германија, 17-то по ред, се’ е поблиску. На него покрај земјата домаќин, ќе настапат уште 23 други селекции.

Почнувајќи од 14 јуни, па до финалето на 14 јули, на ЕП 2024 ќе се одигра вкупно 51 натпревар, од кои 36 во групната фаза, по што 16 селекции ќе се пласираат во нокаут рундата. Покрај борбата за титулата секој тим ќе се бори и за што поголема парична награда.

Извршниот комитет (ИК) на УЕФА лани во декември ги утврди парите за распределба на тимовите-учеснички на ЕП, вкупно 331 милион евра, исто колку и на минатото ЕП 2020-та.

Минимумот што една нација може да го заработи е 9,25 милиони евра (награда за учество) доколку не победи на ниту еден од трите натпревари во групната фаза. За победа се добива милион, а за реми половина милион евра.

Секоја нација што ќе се пласира во осминафиналето ќе добие нови 1,5 милиони евра, а наградите ќе се зголемуваат за пласман во секое наредни коло. Тие што ќе стигнат до четвртфиналето ќе добијат уште по 2,5 милиони, односно по четири милиони евра за пласман во полуфиналето.

Шампионот на ЕП 2024 ќе добие осум, а поразениот финалист пет милиони евра. Максимумот што една нација може да го заработи изнесува 28,25 милиони евра, доколку победи на сите натпревари на патот кон титулата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО