Во ростерот на селекторот на машката кошаркарска репрезентација Берокал повторно е и Тома Стојаноски, кој е подготвен да го даде својот придонес во сениорскиот национален тим.
„Атмосферата е одлична. Имавме два пријателски натпревари, од кои првиот не заврши позитивно за нас, но во меѓувреме се рекупериравме. Ни се приклучија и двајцата наши натурализирани играчи, а од тимот кој настапи на контролата во Самоков, сега ги имаме и Јакимовски и Војдан Стојановски“, вели Стојаноски.
Репрезентативецот смета дека тимот е подготвен за предизвикот и има јасна цел во претстојните два натпревари.
„Во изминатиот период направивме добри тренинзи и скаутинг со стручниот штаб. Мислам дека имаме добра и солидна екипа со која сакаме две победи во овој „прозорец“. Прва задача ни е Ирска, прво да завршиме работа со нив, а потоа ќе мислиме на Луксембург“, додава македонскиот кошаркар.
Стојаноски открива дека стручниот штаб веќе детално го анализирал противникот и очекува поинаков состав од оној со кој Македонија се соочи во претходниот дуел.
„Ирска има скоро шест до седум нови играчи. Се работи за помлади имиња кои играат во американската колеџ-лига. Ги видовме повеќето од нив преку видео-анализата. Играат брза кошарка, а ние мораме први да го поставиме темпото и да дојдеме до победа пред нашата публика“, потенцира Стојаноски.