Доаѓа ли крај на доминацијата на ПСЖ? Богатите Саудијци купуваат клуб во Франција

Францускиот  клупски фудбал фундаментално се промени во 2011 година кога катарскиот инвестициски фонд го купи ПСЖ и создаде тим со кој остатокот од лигата не може да се натпреварува на долг рок.

Во 2013 година ПСЖ ја освои првата шампионска титула во новата ера и оттогаш, па досега, уште 10 титули, во 12 сезони. Тие се’ уште не стигнале до конечниот успех, триумф во Лигата на шампиони (ЛШ), но и покрај загубата на најголемите ѕвезди како Лионел Меси, Нејмар и на крајот Килијан Мбапе, сигурно нема да се откажат од таа цел.

ПСЖ освои две титули во клупската историја пред влезот на Катарците и јасно е дека навивачите на тој клуб можат да бидат задоволни од промената што се случи, но многу е дискутабилно дали парите од Катар донесоа позитивен ефект за атрактивноста на Лига 1 како целина.

Во годините на доминација на ПСЖ само два клуба успеаја да го освојат францускиот шампионат. Тоа беше Лил во сезоната 2020/21 и Монако во 2016/17-та. Монако таа сезона играше и во полуфиналето на ЛШ, а потоа ПСЖ ја покажа моќта и го купи Мбапе за 180 милиони евра.

Монако е четвртиот најуспешен клуб во францускиот шампионат со осум освоени титули. Се чини дека доаѓаат подобри денови за него и оти би можел да стане конкурент на ПСЖ.

Клубот од кнежевството од пред некое време е на продажба, а угледниот француски весник Л’Екип пренесува дека нов сопственик на клубот ќе биде Саудиска Арабија, односно нивниот инвестициски фонд.

Беше објавено дека веќе е договорено Луис Кампос да биде на чело на целиот проект, што ги шокираше сите, особено раководството на ПСЖ бидејќи Кампос е еден од клучните луѓе во раководството на овој клуб.

Кампос моментално е одговорен за клупската стратегија на ПСЖ, а претходно ја извршуваше функцијата спортски директор, па неговото заминување секако би било тежок удар.

Искусниот 59-годишен Португалец треба да биде назначен за претседател на клубот од Монако со што ќе добие одврзани раце да го води до францускиот и европски врв.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО