Најголемото хрватско фудбалско дерби, вечерашната пресметка меѓу Хајдук и Динамо на стадионот „Пољуд“ во Сплит (од 19.30 часот), полицијата го означи како „натпревар од висок ризик“.
По неколку години, навивачите на Динамо нема да бидат префрлени со градските автобуси во Дугопоље и на тој начин превезени до Пољуд, туку на стадионот ќе доаѓаат со сопствен превоз, во конвој под полициска придружба.
Полицијата ќе ги пречека навивачите во Дугопоље, на излезот од автопатот, ќе ги прегледа, ќе ги собере и ќе ги спроведе до стадионот.
Се очекува голема колона со оглед на тоа што се продадени 1.463 билети за гостинскиот сектор. Полицијата предупредува дека навивачите мора да дојдат во Дугопоље најдоцна до 16 часот, бидејќи потоа нема да им биде загарантиран влезот на стадионот.
Со важна информација за навивачите се огласи и Хајдук. Од клубот најавија дека од 13 часот ќе биде блокиран сообраќајот на одредени локации, а на гледачите им се препорачува да не ги паркираат возилата во близина на стадионот и пошироко, да користат јавен превоз или паркинзи во другите делови на градот.
– Воздржете се од употреба на пиротехнички средства, како и транспаренти и пораки со навредлива содржина. Забрането е внесување тврди предмети кои би можеле да ја загрозат безбедноста на луѓето на стадионот.
Да се воздржиме од говор на омраза, расна и секакви други форми на дискриминација и насилство кое може да му наштети на клубот, објави Хајдук.