Дани Олмо е пред трансфер на кариерата

Дани Олмо (25) би можел да направи трансфер на кариерата во летниот преоден рок. Во последните неколку преодни рокa се зборуваше за негово заминување од Лајпциг, но гласините особено зачестија последниве денови, односно пред крајот на сезоната.

Шпанскиот „Мундо Депортиво“ на 20 април објави текст под наслов „Операцијата Олмо почна. Ситуацијата e многу сериозна“ во која се зборува за интересирањето на Барселона, а приказната сега ја има и германски Билд.

Билд пишува дека Олмо, чиј договор со Лајпциг е до летото 2027 година, има откупна клаузула од 60 милиони евра. Барселона која се смета за најсериозен интересент наводно одржала „таен состанок“ со претставниците на Олмо, но ништо не било договорено. Олмо го посакуваат и неименувани англиски клубови кои се’ уште немаат направено конкретен потег.

Олмо дојде во Динамо како 16-годишник и во загрепскиот клуб остана до 2020 година, кога Лајпциг го купи за 29 милиони евра. Динамо очекува 20 отсто од заработката што ќе ја има германскиот клуб при следниот трансфер на Олмо. Според Трансфермаркт, Олмо вреди 50 милиони евра.

Тој сезонава имаше проблеми со повредите, и забележа само 23 настапи, даде осум гола и петпати асистираше. Редовно настапува за Шпанија за која има одиграно 33 меча и дадено осум гола, и речиси е сигурно дека ќе настапи на годинашното Европско првенство (ЕП) во Германија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО