Дали му се одбројани деновите на Тен Хаг во Јунајтед?

Иднината на менаџерот Ерик тен Хаг во Манчестер јунајтед е се’ понеизвесна. Тимот сезонава игра под очекувањата и клубот се’ повеќе ја разгледува можноста да го замени Холанѓанецот летово.

Победата над Евертон викендов малку го намали притисокот врз менаџерот, но тој ќе има многу работа до крајот на сезоната доколку сака да ја задржи работата.

Првично, новиот сопственик на „црвените ѓаволи“, Џим Ретклиф, најави целосна поддршка за Тен Хаг.

Но откако официјално ја презеде спортската и техничката контрола врз клубот, откупувајќи 25 отсто од акциите, милијардерот постепено ја менува позицијата кон Холанѓанецот. Дури се шпекулира дека на „Олд Трафорд“ размислуваат за различни имиња како негова замена.

Тен Хаг треба да промени нешто, и тоа брзо, ако сака да ја задржи работата. Клупските челници очекуваат драматична промена во играта и во резултатите на преостанатите натпревари до крајот на сезоната.

Целта за „црвените ѓаволи“ е да направат се’ и да се изборат за место во „топ 4“ што ќе значи учество во Лигата на шампиони (ЛШ) следната сезона.

Во меѓувреме се шпекулира за потенцијалните кандидати за замена на Тен Хаг доколку се разделат со него.

Во декември се споменуваа имињата на Антонио Конте и Хулен Лопетеги, а други луѓе во клубот лобираат за Томас Тухел и за Зинедин Зидан.

Во последните недели беше остварен контакт и со тренерот на Интер, Симоне Инзаги, но тој категорично ја одби понудата и покажа лојалност кон „нероаѕурите“.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО