Италијанецот Енцо Мареска, кој по ланското испаѓање експресно го врати Лестер во Премиер лигата, ќе биде новиот менаџер на Челси, пишуваат денеска британските медиуми.
Според „Дејли телеграф“, 44-годишниот Мареска бил назначен на таа функција доцна синоќа со договор на пет години и со опција за продолжување на уште една година. Мареска до лани му беше асистент на Пеп Гвардиола во Манчестер сити.
Мареска, поранешен играч од средниот ред на Јувентус, Севилја и Олимпијакос, ќе биде четвртиот менаџер ангажиран откако Тод Бели и неговиот конзорциум инвеститори „БлуКо“ го купија лондонскиот клуб, по Томас Тухел, Грем Потер и Маурицио Покетино.
Аргентинецот Покетино по само една година го напушти клубот од „Стемфорд бриџ“ со кој го освои шестото место во првенството.