Австралиската пливачка, Моли О’Калаган го освои златниот медал на 200 метри слободно со време од 1:53.27 минути, што е нов олимписки рекорд. Тоа време беше подобро за 23 стотинки од претходниот олимписки рекорд на сонародничката, Ариарне Титмас поставен во Токио.
Бранителката на титулата, светската и олимписка рекордерка и најбрзата во квалификациите, Титмас која беше фаворит за злато мораше да се задоволи со сребрениот медал, со време од 1:53,81 минути.
За 20-годишната девојка од Логан, Австралија, тоа е втор златен медал во Париз, бидејќи претходно беше дел и од победничката штафета на 4х100 слободно.
Романецот Давид Поповичи го освои златниот медал на 200 метри слободно со време од 1:44.72 минути, постигнувајќи го најголемиот успех во кариерата. Младиот 19-годишен Романец освои две злата на 100 и 200 слободно на СП 2022 во Будимпешта, а сега стигна и до олимписко славје.
Светскиот рекордер Томас Чекон го освои олимпиското злато на 100 метри грбно со време од 52 секунди, побавно за 0,4 секунди од неговиот светски рекорд.
За 23-годишниот Италијанец ова е втор париски и четврти олимписки медал во кариерата, прв во поединечна конкуренција. Во Париз тој освои и бронза во штафетната трка 4×100 слободно.
Јужноафриканката Татјана Смит победи на 100 метри градно со време од 1:05.28 минути, откако во Токио заврши на второто место во оваа дисциплина. Смит од Токио има злато и на 200 метри градно.
На 400 метри мешано славеше светската рекордерка, Канаѓанката Самер Мекинтош со време од 4:27.71 минути. За талентираната 17-годишна Канаѓанка тоа е втор медал во Париз, по среброто на 400 слободно.
Иако има само 17 години, Мекинтош во кариерата има освоено осум медали од Светските првенства (СП), од кои четири златни. Таа се натпреваруваше и на ОИ во Токио, каде што на 14-годишна возраст стана најмладата канадска спортистка во историјата, освојувајќи го четвртото место на 400 метри слободно.