Младиот фудбалски феномен Ламин Јамал од Барселона влезе во историјата како најмладиот играч меѓу десетте најплатени фудбалери на планетата, според најновата листа на „Форбс“. Со само 18 години, Јамал заработил неверојатни 37 милиони евра во изминатата сезона, што го пласира на десеттото место на глобалната ранг-листа.
Главниот дел од неговата заработка доаѓа од новиот долгогодишен договор со Барселона, кој важи до 2031 година, како и од низа спонзорски договори со светски брендови како Adidas, Konami, Powerade и Beats by Dre.
Минатата сезона Јамал ја заврши со 18 голови и 25 асистенции, а неговата игра беше клучна и за титулата на Барселона во Ла Лига и за освојувањето на Кралскиот куп. Со репрезентацијата на Шпанија, тој го освои и Европското првенство, дополнително зацврстувајќи го својот статус како едно од најголемите имиња на новата генерација фудбалери.
На врвот на листата повторно е Кристијано Роналдо, кој со својата плата и спонзорски договори во Ал-Наср заработи дури 240 милиони евра во последната сезона. Зад него следуваат Лионел Меси (Интер Мајами) со 110 милиони евра и Карим Бензема (Ал-Итихад) со 89 милиони.
Топ-10 најплатени фудбалери според „Форбс“:
1️⃣ Кристијано Роналдо (Ал-Наср) – 240 милиони евра
2️⃣ Лионел Меси (Интер Мајами) – 110 милиони евра
3️⃣ Карим Бензема (Ал-Итихад) – 89 милиони евра
4️⃣ Килијан Мбапе (Реал Мадрид) – 81 милион евра
5️⃣ Ерлинг Халанд (Манчестер Сити) – 60 милиони евра
6️⃣ Винисиус Жуниор (Реал Мадрид) – 51 милион евро
7️⃣ Мохамед Салах (Ливерпул) – 47 милиони евра
8️⃣ Садио Мане (Ал-Наср) – 37,5 милиони евра
9️⃣ Џуд Белингам (Реал Мадрид) – 37,5 милиони евра
🔟 Ламин Јамал (Барселона) – 37 милиони евра
Младиот ас на Барселона со овој успех само ја потврдува својата ѕвездена иднина, а многумина веруваат дека ова е само почеток на една блескава кариера.