Рома активно го гради тимот за новата сезона, следејќи ја визијата на новиот стратег Џампјеро Гасперини. „Волчицата“ во изминатите десетина дена успеа да договори дури пет засилувања, што е показател за сериозниот пристап во пресрет на новиот калчо-предизвик.
Најново име во таборот на римскиот клуб е Весли – бразилски бек со одлични дефанзивни, но и офанзивни капацитети, кој вечерва и официјално стави потпис на петгодишен договор со Рома. Тој доаѓа од Фламенго, клуб за кој настапуваше и на неодамнешниот клупски Мундијал во САД.
Играта што ја прикажа на тоа натпреварување беше доволна препорака за спортската дирекција на Рома да започне конкретни преговори, кои завршија со договор вреден 25 милиони евра, со можност за дополнителни 5 милиони преку бонуси.
Весли е петтото летно засилување за Рома, по ангажманите на Железни, Арена, Фергусон и Ел Ајануи.