Вториот натпревар од финалето на српското кошаркарско првенство меѓу Партизан и Црвена ѕвезда ќе биде регистриран со резултат 20:0 за Ѕвезда, што значи и одбрана на титулата.
На се’ му претходеше вистински циркус на трибините и на паркетот, а по прекинот клубовите со соопштенија го продолжија дуелот.
Во третата четвртина од мечот што се играше во белградската Арена судиите означија прекин и наредија да се испразнат трибините при резултат 57:45 за Партизан.
Причина за прекинот беа фрлените предмети на теренот и навредите кон играчите и управата на Ѕвезда. Семејството на првиот човек на Звезда, Небојша Човиќ посебно беше на мета на „Гробарите“, навивачите на Партизан.
Еден од лидерите на „Гробарите“ преку мегафон се обиде да ги смири, им кажа дека играта ќе биде прекината, но тоа не помогна.
Играчите на Звезда и Стручниот штаб го напуштија паркетот, потоа тоа го сторија и судиите, а кога обезбедувањето се обиде да ја испразни салата, навивачите почнаа да им скандираат на играчите на Партизан да не го продолжат натпреварот.
Партизан ги послуша навивачите и одби да го продолжи натпреварот. По подолга пауза, српските медиуми најпрвин најавија дека натпреварот ќе продолжи во четврток пред празни трибини, а потоа следуваше невиден пресврт. Очигледно, спикерот бил тој што најавил дека натпреварот ќе продолжи еден ден подоцна.
Но, судиите и играчите на Ѕвезда се вратија на паркетот, а на играчите на Партизан им беше соопштено дека имаат 15 минути да се вратат или натпреварот, а со тоа и финалната серија (во првиот меч Звезда победи со 89:88) ја добива Ѕвезда. Бидејќи никој од „црно-белите“ не се појави, судиите почекаа да истечат тие 15 минути и го означија крајот.
Српските медиуми ја пренесуваат изјавата на директорот на лигата, Александар Грујин.
– Нема причина да се сомневаме во што било. Единствено меродавни се првиот судија и делегатот. Сите информации што ги добивате, се од нив. За тоа што го направил спикерот, немам објаснување. Прашајте го него, рече тој.
На прашањето дали спикерот сам кажал дека натпреварот ќе продолжи за 24 часа, тој одговори:
– Сам или во договор со некого, но тоа не требаше да се случи бидејќи беше на штета на Партизан. Натпреварот ќе биде регистриран врз основа на делегатскиот извештај, со службен резултат 20:0. Во договор со Црвена ѕвезда во текот на следните денови ќе им бидат врачени пехарот и медалите.
Партизан излезе со соопштение во кое тврди дека било кажано оти натпреварот ќе продолжи ден подоцна. Се потенцира дека за прв пат во историјата на српската кошарка, натпревар е прекинат поради вербален прекршок и сето тоа го нарече скандал.
– Откако беше побарано да се испразни салата, „црно-белиот“ тим долго го чекаше продолжението на теренот. Потоа официјалните претставници на КК Партизан добија информација од судиите за прекин и продолжување на натпреварот во рок од 24 часа.
Екипата на Партизан се повлече во соблекувалната, а играчите добија слободно. Кога судиите и играчите на Црвена ѕвезда одненадеж се појавија на теренот, повеќе од еден час по паузата, играчите на Партизан веќе беа на пат за дома, велат „црно-белите“.
Набргу со соопштение реагираше и Ѕвезда, која заклучоците на Партизан ги опишува како „куп лаги“ и се прашува според кои прописи и пропозиции може да се продолжи натпревар по 24 часа.
– Обидот за спин, од тоа дека спикерот најавил дека мечот ќе продолжи во четврток, преку преплавување на јавноста со куп дезинформации во моменти кога се знаеше дека мечот мора да продолжи вечерва пред празни трибини, имаше за цел јасните правила да се претворат во правила на Партизан!“, е дел од одговорот на Ѕвезда.