Ешли Кол, поранешниот дефанзивец на Арсенал и на Челси, примен е во „Куќата на славните“ на Премиер лигата. Тој е 22-от играч и менаџер, кој е вклучен во „Куќата на славните“ во ерата на Премиер лигата, од 1992 година па досега, а четврти од Челси, по Петр Чех, Дидие Дрогба и Френк Лампард.
Кол (43) освои три титули во текот на 15-те години играње во лигата. Беше дел од „непобедливиот“ тим на Арсенал во сезоната 2003/04, и на тимот на Челси кој постигна рекордни 103 гола во 2009/10-та.
Премиер лигата смета дека членството во „Куќата на славните“ е највисоката чест што може да му ја укаже на, веројатно, најкомплетниот бек што ги претставувал Челси и Англија.
– Чест ми е што ќе и се приклучам на „Куќата на славните“ во Премиер лигата. Многу исполнувачко е да се биде награден на крајот од кариерата. Во 20-годишната кариера се обидував да дадам се’ од себе и да бидам што подобар.
Како дете, никогаш не сонував за ништо од ова, се’ правев поради љубовта кон фудбалската игра. Играв за неколку фантастични клуба со неверојатни навивачи. Освојувањето трофеи со мојот клуб од детството Арсенал и со Челси се неверојатни спомени кои секогаш ќе бидат со мене, рече Кол.
Кол одигра 338 меча за Челси, од кои 230 во Премиер лигата и беше дел од тимот на „сините“ што ја освои титулата во 2010 година, првата домашна двојна круна.
За време на престојот на „Стамфорд бриџ, Кол го освои рекордниот седми трофеј во кариерата (четири со Челси) како победник во ФА купот, а одигра и клучна улога во првиот триумф на Челси во Лигата на шампиони (ЛШ) во 2012 година.
Кол двапати беше прогласен за играч на годината на Челси, во 2009 и во 2011 година. Тој го доби признанието за гол на сезоната 2009/10, а во четири наврати беше избран во тимот на годината на Премиер лигата.