Ефектот на Лионел Меси ја зголеми вредноста на Интер Мајами на повеќе од милијарда долари. Пред доаѓањето на Меси лани во јуни, Интер Мајами имаше само 900.000 следбеници на Инстаграм, а денес има повеќе од 16 милиони!
Најзаслужен за доаѓањето на Меси во МЛС (американска фудбалска лига) е Дејвид Бекам, поранешен англиски фудбалер, сега сопственик на Интер Мајами.
Бекам дојде во МЛС како играч во 2007 година, потпишувајќи за ЛА Галакси и се согласи на 70 отсто помала плата од онаа што ја имаше во Реал Мадрид. Причината поради која се согласил на такво нешто е клаузулата за која преговарал.
Според таа клаузула, тој можел да купи нова МЛС франшиза за 25 милиони долари. Првиот услов бил тоа да биде тим формиран по проширувањето на лигата, а вториот тимот да не биде во околината на Њујорк.
Тој го купи Интер Мајами во 2014 година, но му требаше извесно време да го подигне и да стартува. Клубот официјално беше претставен во 2018 година, а првиот натпревар го одигра две години подоцна.
Денес Интер Мајами е трет највреден клуб во МЛС зад Лос Анџелес ФК (1,15 милијарди) и зад Атланта јунајтед (1,05 милијарди), а се верува дека ќе стане највреден до крајот на годината. Заедно со Меси, во Мајами пристигнаа Луис Суарез, Серхио Бускетс, Жорди Алба…