Поранешниот тренер на Рома, Жозе Мурињо викендов имал средба со сопственикот на Њукасл. Тој бил во Саудиска Арабија каде што присуствувал на неколку големи спортски настани како што се Големата награда (ГН) на Саудиска Арабија во Формула 1 (Ф1) и на боксерскиот меч меѓу Ентони Џошуа и Френсис Нгану.
За време на Ф1 трката „специјалниот“ бил забележан во друштво со сопственикот на Њукасл, Јасир Ал-Румајан.
Не е јасно дали средбата била само пријателска или тие разговарале за опцијата Португалецот да ја превземе менаџерската функција во клубот од „Сент Џејмс парк“. Мурињо моментално е без работа, откако неодамна доби отказ од Рома, но не крие дека сака што побрзо да се врати на тренерската клупа.
– Морам да почекам на вистинската понуда, морам да најдам нешто што ќе ме мотивира. Да можам утре би почнал со работа, вели Мурињо.
Во меѓувреме, Њукасл не е на ланското ниво сезонава. „Свраките“ се на 10-та позиција на табелата, а иднината на менаџерот Еди Хау се’ повеќе се доведува во прашање.