ЖРК Астибо нема да игра во Супер лигата

Тимот на Астибо во претстојната сезона нема да игра во Супер женската ракометна лига.

Причините за неможноста за настап во елитата, се финансиски.

Од раководството на овој тим се огласија со соопштение на социјалните мрежи и ја потврдија веста дека ќе играат во Првата лига.

„Почитувани навивачи, пријатели и партнери на РК Астибо, Управата на Ракометниот клуб Астибо ја известува јавноста дека во претстојната сезона клубот нема да настапува во Супер женската лига на Македонија, туку ќе продолжи со натпреварување во Првата женска лига.

Оваа одлука е донесена првенствено поради финансиски причини. Учеството во Суперлигата бара финансиски средства кои во моментов го надминуваат реалниот буџет на клубот, поради што натамошниот настап на ова ниво моментално не е реално остварлив.

Управата на РК Астибо сака да упати огромна благодарност до Општина Штип, која покрај финансиската поддршка, обезбедува и услови за тренирање, вклучително и сала за тренирање и натпреварување на нашиот тим.

Посебна благодарност упатуваме и до Министерството за спорт на Република Македонија, за обезбедените финансиски средства кои значително придонесуваат за работата и функционирањето на клубот.

РК Астибо располага со млада и квалитетна генерација ракометарки, кои минатата сезона 2025/2026 го освоија второто место во пионерска конкуренција.

Настапот во Првата лига претставува одлична можност токму на овие млади пионерки да им се укаже доверба и минути на игра, а составот на тимот во голем дел ќе се потпира на играчки израснати во сопствената школа на клубот“, се вели во соопштението издадено од клубот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО