Победникот на Тур де Франс, Тадеј Погачар, се повлече од Олимписките игри (ОИ) поради „екстремен замор“, соопшти Словенечкиот олимписки комитет.
На ОИ кои почнуваат во петок во Париз, 25-годишниот Погачар, кој годинава по трет пат победи на Тур, требаше да учествува на друмската трка, на 3 август. Тој беше еден од фаворитите за златен медал, заедно со Холанѓанецот Матје ван дер Поел.
– За жал, Тадеј Погачар го откажа учеството поради екстремен замор, изјави Урош Мурн, тренерот на словенечкиот олимписки велосипедски тим.
Но, словенечките медиуми пишуваат дека освен „екстремниот замор“, причина за неучеството на Погачар на ОИ е тоа што неговата девојка, Уршка Зигарт не беше избрана во словенечкиот женски велосипедски тим за Игрите во Париз!
Во врска со тоа Погачар на својот Фејсбук профил напиша дека е „лут“ и „без зборови“.
– Ми треба малку одмор по Тур и не сум сигурен што ќе правам следно. Сакам малку да се опуштам, да се одморам и да минам повеќе време со мојата девојка, изјави Погачар во неделата.
Покрај триумфот на Тур, Погачар годинава победи и на Џиро д’Италија, во мај, и стана првиот што победил на двете (од трите) најголеми велосипедски трки во светот во иста година, по Италијанецот Марко Пантани во 1998 година.
Досега, ниту еден велосипедист не победил на трите гран тур трки, на Тур де Франс, Џиро д’Италија и на Вуелта, во иста година.