Словенецот, Тадеј Погачар на неделната планинска етапа долга 161 километри, на околу 11 км од целта, падна на еден свиок, но веднаш доби нов велосипед и успеа да ја забележа првата етапна победа во кариерата на Џиро д’Италија. Погачар сега има етапни победи на сите три гран –тур трки, Џиро, Тур и Вуелта.
Двократниот победник на Тур де Франс, Погачар (25) прв ја мина целта, со 27 секунди предност пред Колумбиецот Даниел Мартинез и Бритнецот Герент Томас, и го преземе водството во генералниот пласман од Еквадорецот Џонатан Нарваез. Во генералниот поредок, Погачар има предност од 45 секунди пред Томас и пред Мартинез.
-Бев малку невнимателен, но не беше ништо сериозно. Тимот беше супер добар. Ме вратија напред, потоа поставивме темпо што ни се допадна и беше совршено. Во следните неколку дена ќе можам малку да се опуштам и да останеме безбедни во спринтовите, изјави Погачар.
Тој има за цел да забележи ретка двојна победа на Џиро и на Тур де Франс во иста година, подвиг што не е постигнат уште од Марко Пантани во 1998 година.