Минестота тимбервулфс уште еднаш ги изненадија Денвер нагетс и по двата натпревара од второто плеј-оф коло на Западот водат со 2:0. Двете победи беа остварени на паркетот на актуелните шампиони по што имаат можност серијата да ја заклучат пред својата публика.
На полувремето беше 61:35 за Вулфс, што е најголемиот дефицит на Нагетс по две четвртини во плеј-оф натпреварите во клупската историја.По третиот квартал предноста на гостите беше 82:60 за мирна завршница.
Никола Јокиќ постигна 16 поени, 16 скока и осум асистенции, но делуваше немоќно, особено за играч кој е пред третото МВП признание за најкорисен играч во регуларниот дел од НБА сезоната.
Од друга страна, Ентони Едвардс со 27-те поени и седумте асистенции покажа дека го заслужува тоа признание. Откако го предводеше својот тим до рекордните 4:0 против Феникс санс во првата плеј-оф рунда, со просек од 31 поен, осум скока и 6,3 асистенции, Едвардс се истакна и против шампионот.
По двата натпревара неговиот просек е 35 поени по натпревар, со 4,5 скока и четири асистенции. Неговата игра беше ја поздрави и публиката во Денвер.
Иако тимот за кој навиваат има двократен МВП кошаркар и најкорисен игруч на финалето лани, извиците од трибините, „МВП, МВП“ овојпат не беа резервирани за Јокиќ, туку за Едвардс.
MVP chants for Anthony Edwards in Denver pic.twitter.com/BU1s7gM0nf
— Ben Golliver (@BenGolliver) May 7, 2024