(ВИДЕО) Милевски: На мечевите со Молдавија и Црна Гора акцентот ќе биде ставен на тактиката

Селекторот фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски следната недела ќе го соопшти списокот со повикани фудбалери за контролните натпревари против Молдавија, на 22-ри и против Црна Гора, на 25-ти март во Анталија, Турција.

Во изјавата за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Милевски говори за очекувањата од двете контролки, за настапите на фудбалерите во клубовите и за тоа дали ќе има промени во списокот.

– Подолг период сме без репрезентативни активности, но ФИФА термините се исти за сите. Секако дека ни недостигаат почести собири за да го реализираме она што е замислено, посебно за воигрување на тимот за тоа што не’ очекува во септември, вели Милевски.

Постојано сме во комуникација со фудбалерите. Ме радува тоа што поголемиот дел од репрезентативците имаат сериозна минутажа во своите клубови, но има и такви што немаат доволно. Она што е важно, сите се здрави и без проблеми со повреди.

Не случајно ги избравме Молдавија и Црна Гора, мислам дека станува збор за сериозни противници. Ќе ни послужат за да знаеме во кој правец се движиме и да видиме во каква форма сме.

Списокот ќе биде поширок во однос на квалификациите, ќе има 27 или 28 фудбалери. Поради повреда ќе го немаме Исник Алими.

Посебно жалам поради отсуството на Аријан Адеми, кој од лични причини одлучи да стави крај на репрезентативната кариера. Имав разговор со Аријан. Ќе ни недостига како личност и како фудбалер. Категоричен е во одлуката.

Чувствува дека ова е моментот за крај на настапите во репрезентацијата и нема да сметаме на него. Треба сите да искажеме благодарност за неговиот придонес за македонската репрезентација и за нашиот фудбал воопшто.

Предложивме да организираме проштален натпревар, негова е одлуката за тоа дали тоа би се случило на натпреварот против Хрватска на 3. јуни или на првиот домашен натпревар во Скопје.

Императив од овие два меча ќе биде да се извлече максимумот, а акцентот ќе биде на тактичките замисли и како треба да изгледаме во Лигата на нации, истакнува Милевски.


 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО