Неверојатни, грди сцени по завршувањето на фудбалското дерби минатиот викенд во црногорското првенство, во кое Будуќност пред своите навивачи во Подгорица не успеа да ја победи Сутјеска од Никшиќ (2:2). Со тоа си ги намали шансите за освојување на шампионатот (Дечиќ е прв со 58, Будуќност е втора со 55, а трета Сутјеска со 53 бода).
По натпреварот домашните играчи заминале кон северната трибина, кон незадоволните навивачи кои ги повикале на „отчет“ и побарале да од нив ги соблечат дресовите! Имало се’, груби зборови и навреди, но тоа било само почеток.
На теренот настанал хаос, а кулминацијата се случила кога изнервираниот голман на Будуќност, Ѓорѓије Павличиќ налетал на соиграчот, Игор Ивановиќ и го удрил со тупаница во глава. Од силината на ударот, Ивановиќ паднал на земја, по што едвај бил спасен од разбеснетиот голман!