(ВИДЕО) Фиорентина го победи Калјари со ВАР- пенал во 103-та минута. Слават сите во Италија!

Неверојатен исход од првиот натпревар од 38-то, последно коло во Серија А сезонава. Фиорентина го победи Калјари на гости со 3:2 во драматичен меч.

Гостите поведоа во 39. минута со голот на Џакомо Бонавентура. Домашните израмнија во 64. минута преку Алесандро Деиола, а на пет минути до крајот Кингстон Мутандва постигна гол, за пресврт и водство на Калјари, 2:1.

Но, тогаш следи чудесниот премин „од еден во два“. На минута пред крајот Николас Гонзалес и носи израмнувањето на Фиорентина и кога се чинеше дека мечот ќе заврши нерешено, се случи чудо.

Судијата Алесандро Пронтера, кој му поништи два гола на Калјари, го продолжи натпреварот за 13 минута, а потоа досуди пенал за гостите по интервенцијата од ВАР-от. Артур Мело погоди за нов пресврт и победа на Фиорентина, во интерес на италијанскиот фудбал.

Ваквиот исход од мечот на Сардинија им одговара на сите. Домаќинот Калјари имаше обезбедено опстанок претходно, па не жали бидејќи остана без бод по двата поништени гола и ВАР- пеналот 13 минути по регуларниот дел. Фиорентина со оваа победа го обезбеди осмото место во Серија А (иако има уште еден натпревар) и играње во Европа следната сезона.

Но, со евентуалната победа на „виолетовите“ над Олимпијакос во финалето на Лигата на конференции (ЛК) следната среда во Атина, Италија ќе има дури девет места во европските натпреварувања следната сезона!

Деветта, последната европска позиција на Италија во Европа, би му припаднала на Торино, доколку ја победи растоварената Аталанта што е за очекување. Обложувачниците го намалија коефициентот за победа на Торино од четири, на два! Со освојувањето на Лига Европа (ЛЕ), клубот од Бергамо си обезбеди играње во Лигата на шампиони (ЛШ) следната сезона.

Поразот на Аталанта во тој натпревар со нетрпение го очекува Рома, но и цела Италија. Доколку Аталанта ја заврши сезоната на петтото место, каде што е моментално, во ЛШ би играла и Рома, односно Италија би имала дури шест претставници во најсилната конкуренција.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО