Тудор го менува Сари на клупата на Лацио

Хрватот Игор Тудор (45) се договорил со Лацио и ќе биде новиот тренер на римскиот клуб, на местото на Маурицио Сари. Ова синоќа го објавија сите инсајдери на италијанскиот фудбал и „меркато“; Фабрицио Романо, Мануеле Бајокини, Џанлука ди Марцио, Алфредо Педула…

Тие наведуваат дека поранешниот играч на Јувентус и поранешен тренер на Удинезе и на Верона, во друштво на својот агент и поранешен соиграч Ентони Шериќ, синоќа се сретнал со Маријано Фабијани, спортскиот директор на Лацио и со претседателот на клубот, Клаудио Лотито.

Споменатите извори наведуваат дека на состанокот биле договорени деталите од договорот меѓу Лацио и Тудор кој ќе потпише договор на година и половина со опција за продолжување на договорот на уште една година.

Тудор нема да го води тимот утре против Фросиноне, но веднаш потоа ќе го преземе. Тудор доаѓа во многу тешка ситуација за Лацио, по петте порази на последните шест првенствени натпревари, и пад на деветтото место.

Лацио беше елиминиран и од Баерн Минхен во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ), што сепак не се смета за неуспех. Но пласманот во првенството секако е дебакл, особено што Лацио минатата сезона беше вицешампион и со тоа директно се пласира во ЛШ.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО