Тешка повреда на Вингегард во Баскија, нема да ја брани титулата на Тур де Франс?

Двократниот последователен победник на Тур де Франс, Данецот Јонас Вингегард (27) од тимот Визма, ја скрши клучната коска и неколку ребра при падот во четвртата етапа од трката во Баскија, објави неговиот тим на социјалните мрежи.

– Тоа беше страшен пад, но за среќа Вингегард е свесен и е во стабилна состојба. Прегледите во болницата покажаа дека тој има скршена клучна коска и неколку скршени ребра. Тој ќе остане во болница како мерка на претпазливост, објави неговиот тим, без да прецизира колку време ќе се опоравува Вингегард.

Тур де Франс, главната цел во сезоната за Вингегард, започнува за 86 дена. Визма во моментов се справува со голем број проблеми, бидејќи е повредена и другата голема ѕвезда на тимот, Белгиецот Вут Ван Аерт, кој скрши неколку ребра и клучна коска на еднодневната трка низ Фландрија пред осум дена, и под знак прашалник е за настап на Џиро д’Италија која стартува за еден месец.

Незгодата во која настрада Вингегард се случи на 35 километри пред целта на остриот десен свиок во густа шума, при што паднаа најмалку 12 велосипедисти. Откако еден од возачите на тимот Лидл Трек „заглави“ во свиокот, повеќе велосипедисти налетаа на него, а други слетаа во одводот покрај патот.

Меѓу нив, заедно со Вингегард, беа и Словенецот Примож Роглич  и Белгиецот, Ремко Евенепоел. Тимот на Евенепоел на клупската интернет-страница објави дека 23-годишниот Белгиец ја скршил клучната коска и лопатката. Денеска тој патува во својата татковина каде што ќе ја оперира клучната коска, напишаа од тимот.

Словенецот Роглич стана на нозе по падот, но видно куцаше. Во долината тој бил однесен со тимскиот автомобил, а 34-годишниот Словенец ги поздравил телевизиските камермани и им дал до знаење дека е релативно добро. Неговиот тим се уште не дава прецизни информации за неговата состојба.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО