Супербоул: Трета титула за Канзас сити во пет години, Махомес по трет пат МВП        

Канзас Сити чифс ја одбранија шампионската титула во НФЛ откако во Суперболот, финале на плејофот на професионалната лига во американски фудбал, во Лас Вегас го совладаа Сан Франциско 49 со 25:22, по продолжението.

Чифс со тоа станаа првиот тим по 19 години што ја одбранил титулата. Последни на кои тоа им успеа беа Њу Ингланд патриотс.

За „шефовите“ ова е трета шампионска титула во последните пет сезони. Пред четири години во финалето го совладаа Сан Франциско, а лани беа подобри од Филаделфија иглс. Тие играа и во Супербоул пред три години, но тогаш загубија од Тампа Беј баканирс.

Првиот од четирите Супербоула во клупската историја „шефовите“ го освоија пред 54 години.

Патрик Махомес по трет пат во кариерата беше прогласен за МВП на Супербоулот, по 2020 и 2023 година. Махомес (28) стана шестиот бек во историјата на НФЛ кој освоил три или повеќе Супербоула. Енди Рид стана петтиот тренер кој освоил три или повеќе титули.

Проценките се дека годинашниот Супербоул што за прв пат се одржа во „главниот град на светската забава“, Лас Вегас, привлекол поголемо интересирање од кога било досега. За очекување е американската телевизиска публика да ги надмине рекордните 115 милиони гледачи во победата на Канзас Сити над Иглс лани.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО