„Стад де Франс“ со нов изглед и со нова атлетска патека за ЛОИ во Париз

Во главниот град на Франција, Париз во тек се завршните подготовки за Летните олимписки игри (ЛОИ) кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август годинава.

Еден од централните објекти ќе биде „Стад де Франс“ во Сен Дени, поточно атлетската патека, што ќе биде обновена за ЛОИ. Ова е најголемо реновирање на стадионот од Светското првенство (СП) во фудбал 1998 година, пишува АФП.

На централниот стадион ќе се одржуваат атлетските натпревари, но во моментов на патеката има само ровокопачи. Стадионот кој е со капацитет од 80.000 седишта беше затворен по финалето на Светскиот куп во рагби, на крајот од октомври, а повторно ќе биде отворен за јавноста непосредно пред Игрите.

Старата атлетска патека е отстранета за да се изгради целосно нова, виолетова патека со површина од 14.000 м2, која ќе биде поставена напролет. За тоа ќе биде потребна прецизна работа, која ќе се обезбеди преку употреба на ласери и 3Д грејдери.

– Ова не е стандардна патека, таа е од највисоката категорија, изјави Марија Ле Кор, одговорна за реновирањето на патеката која ќе биде проширена на девет патеки.

Приватниот конзорциум кој управува со државниот „Стад де Франс“ допрва треба да ги објави вкупните трошоци за сите работи околу реновирањето кое започна во 2020 година, откако поради пандемијата на ковид-19, стадионот беше принудно затворен.

Најрвин беше обновено спортско- архитектонското осветлување, а во летото 2021 година, двата екрана, едниот во северниот, а другиот во јужниот сектор, беа заменети со екрани од поновата генерација, со најнова технологија и со подобра резолуција, поголеми за околу 50 квадратни метри.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО