Синер со 17 победи во низа, нов рекорд на Италија

пИталијанскиот тенисер, Јаник Синер го победи Германецот Јан-Ленард Штруф со 6:3, 6:4 во третото коло на АТП Мастерс турнирот 1000 во Индијан Велс, забележувајќи ја 17-та победа во низа.

Победничката серија на Синер почна на крајот од минатата година кога во завршницата од Дејвис купот оствари три победи и ја предводеше Италија до титулата.

Потоа Синер триумфира на Австралија опен, за него прва грен-слем титула во кариерата, па беше најдобар на турнирот во Ротердам, а почна одлично и на турнирот во Индијан Велс.

Со 17-те победи по ред, Синер постави нов италијански рекорд надминувајќи го славниот сонародник, Адријано Паната кој во 1976-та забележа 16 победи во низа.

Во таа 1976 година, пред минатогодишната титула, Италија последен пат го освои Дејвис купот, а Паната единствениот грен-слем трофеј, на Ролан Гарос.

Има уште една импресивна статистика за Синер. На последните 10 меѓусебни натпревари со најголемите ривали, односно Новак Ѓоковиќ, Карлос Алкараз и Данил Медведев, тој забележа девет победи и само еден пораз.

Против Медведев ги доби последните четири натпревари во низа, двата против Алкараз, а на четирите меча против Ѓоковиќ трипати победи.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО