Објавена првата фотографија на Олмо како играч на Барселона. Од зделката ќе профитира и Динамо Загреб

Трансферот на Дани Олмо (26) е завршен, тој потпишува за Барселона, тврди „стручњакот“ за трансфери, инсајдерот Фабрицио Романо. Лајпциг за него ќе добие фиксни 55 милиони евра, плус бонуси од седум милиони евра, кои реално тешко ќе се остварат.

Шпанскиот напаѓач, Олмо кој ќе потпише шест годишен договор, претходно ги прецизирал личните услови од соработка со Барселона, а вчера спортскиот директор на Барса, Деко ја завршил својата работа во Германија.

Романо доцна синоќа како „ексклузива“ објави уште нешто. „Ова е првата фотографија на Олмо како играч на Барселона. Само што слета. Во авионот седи со спортскиот директор на Барса, Деко, кој беше клучот за постигнување договор со Лајпциг.

Таму се и таткото на играчот, Мигел Олмо и претставниците на Дани, Хуанма Лопез и Енди Бара“.

Од оваа зделка ќе се „офајди“ и загрепски Динамо кој му го продаде Олмо на Лајпциг за 29 милиони евра. Хрватскиот шампион во договорот ставил клаузула според која има право и на 20 отсто од заработката што ќе ја има германскиот клуб во случај на продажба на Олмо.

Само од фиксните 55 милиони евра, без бонусите, профитот на Лајпциг во споредба со она што му го плати на Динамо, е 26 милиони евра. Од таа сума, 20 отсто или 5,2 милиони евра би отишле кај Динамо.

Динамо го ангажира Олмо во 2014 година, како 16-годишник, бесплатно од академијата на Барса, „Ла Масија“. Сево ова го прави Олмо најскапиот играч во историјата на Динамо.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО