(ВИДЕО) Робињо уапсен во Бразил, го чекаат девет години затвор

Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Манчестер сити, Милан и на репрезентацијата на Бразил, Робињо, приведен е од полицијата во Сантос за да почне со отслужување на деветгодишната казна затвор за силување.

Бразилецот беше осуден за (не)делото, кое се случи пред една деценија, а судот вчера го одби неговото барање за одложување на почетокот на казната.

Федералната полиција во Сантос потоа го уапсила поранешниот фудбалер во неговата палата. „Уапсениот ќе биде подложен на истраги, а потоа ќе биде предаден на затворскиот систем“, соопштија од полицијата.

Во 2017 година, Робињо беше осуден од италијански суд за учество во групно силување на Албанка која славеше роденден во ноќен клуб во Милано во 2013 година.

Во 2020 година, Бразилецот ја изгуби жалбата до повисокиот суд, а во 2022 година Високиот италијански суд ја потврди пресудата и издаде меѓународна потерница.

Бразил не екстрадира свои државјани, а Италија сакаше Робињо да ја отслужи казната во својата татковина. Казната тој ќе ја отслужи во затвор во Тремембе, 150 километри југоисточно од Сао Паоло.

Робињо е втора бразилска фудбалска ѕвезда осудена за силување од почетокот на годинава, откако на крајот од февруари судот во Барселона на Дани Алвеш му изрече 4,5-годишна казна затвор.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО