Речиси 90 отсто од учесниците на Олимписките игри (ОИ) во Париз (од 26 јули до 11 август) биле тестирани од почетокот на годината како дел од предолимписката антидопинг програма, објави во средата Меѓународната агенција за тестирање (ИТА). која од 1 јануари направила вкупно 32.600 тестови на олимпијците.
Оваа пропорција достигнува 100 отсто во спортовите кои се сметаат за најризични, како што е кревање товар, што претставува четвртина од позитивните случаи во историјата на ОИ, триатлон и во пливање на отворени води, 99 отсто во гимнастика и 89 отсто во атлетика.
Во тие дисциплини дури 75 отсто од квалификуваните спортисти за ОИ биле тестирани „најмалку трипати“, забележува ИТА, која во минатите шест години беше одговорна за антидопинг програмата на ОИ, а сега и на повеќето меѓународни федерации.
Кинеските пливачи се најдоа под посебен лупа, особено откако во април беше откриено дека 23 нивни пливачи биле позитивни на тестот пред ОИ во Токио 2021 година. Но тие никогаш не биле санкционирани бидејќи кинеските антидопинг власти заклучиле дека храната била контаминирана!
Од друга страна, само 63 отсто од фудбалерите биле тестирани, бидејќи ФИФА е една од ретките меѓународни федерации што не и ја доверила својата антидопинг програма на ИТА.