На 30 мај, градот Радовиш ќе биде домаќин на јубилејното 50. издание на меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“, настан што со децении е симбол на традиција, шампионски дух и спортска гордост.
Во организација на Боречката федерација на Македонија, Општина Радовиш и Боречкиот клуб Бучим, годинашниот турнир ќе донесе натпреварувачи и гости од повеќе земји, а Радовиш повторно ќе стане место каде се среќаваат спортот, емоцијата и големата боречка традиција.
Јубилејното издание ќе обедини врвни домашни и меѓународни натпреварувачи во повеќе боречки категории и дисциплини, носејќи квалитетна и динамична спортска програма во текот на целиот ден.
Турнирот ќе понуди натпревари на високо натпреварувачко ниво, со учество на искусни борачи, млади таленти и репрезентативци од повеќе земји, потврдувајќи го статусот на „Македонски бисер“ како еден од најзначајните боречки настани во регионот. Засега се потврдени учесници од Македонија, Бугарија, Србија, Грција, Косово, Романија, Црна Гора, Израел и Молдавија.
Како што информираат од боречкиот клум Бучим Радовиш, Мехмет Усинов, Арон Николов и Илија Атанасов ќе се натпреваруваат на турнирот. Усинов, македонски репрезентативец во слободен стил, зад себе веќе има златен медал од меѓународниот турнир во Стара Загора и бронза од турнирот „Иван Деливерски“ во Бугарија.
Николов е еден од најталентираните млади борачи во Македонија, освојувач на признанието за најдобар техничар на меѓународниот турнир „Победник“ во Белград и репрезентативец на европска сцена. Атанасов, една од најголемите надежи на македонското борење во тешка категорија, неодамна освои златен медал на меѓународниот турнир во Стара Загора и континуирано ја претставува Македонија на европските првенства.