Прв гол на Рамос во Мексико

Серхио Рамос го постигна својот прв гол на вториот натпревар одигран за мексиканскиот Монтереј, клубот во кој се приклучи како слободен агент минатиот месец. Иконата на Реал Мадрид и поранешен шпански репрезентативец постигна гол за да му помогне на тимот да го совлада Сантос Лагуна со 4-2 во 10. коло од мексиканската Клаусура.

Рамос погоди со глава во 57. минута за водство на Монтереј од 2-1. Легендарниот дефанзивец настапуваше за Монтереј откако не играше од крајот на минатата сезона во Севиља. Се пишуваше дека при потпишувањето на договорот добил плата од четири милиони евра за до крајот на годинава и бројни бонуси, вклучувајќи ги и оние за постигнати голови. Со тоа тој веќе го заработи првиот бонус.

Монтереј е четвртиот клуб во професионалната кариера на Рамос. За Севиља почна да игра во 2004 година, а најсветлите моменти ги имаше додека играше за Реал Мадрид. Беше член на Реал Мадрид, со кој неколку пати освои се што требаше да се освои, до 2021 година, кога потпиша за ПСЖ. По две сезони се врати во Севиља, а од минатиот месец игра во Мексико.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ




НАЈНОВО