Поранешниот претседател на ФИФА Сеп Блатер во швајцарскиот суд има ново судење под обвинение за измама, фалсификување и проневерa.
-Имам надеж,изјави Блатер пред да влези во судницата.
Тој и поранешниот претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Мишел Платини се обвинети во истиот случај.Се соочуваат со второ судење речиси три години откако тројца федерални судии ги ослободија од обвиненијата,а се однесуваат на исплата на Блатер од два милиони швајцарски франци на Платини.
Кога федералното обвинителство го објави првичното обвинение во ноември 2021 година, наведе дека исплатата го оштетила имотот на ФИФА и незаконски го збогатила Платини.
Ослободителната пресуда дојде речиси седум години откако беше првпат откриена истрагата, а Блатер и Платини беа отстранети од лидерските позиции во ФИФА и УЕФА. Тогаш заврши кампањата на Платини да го наследи Блатер на чело на светскиот фудбал.
Овој судски процес се очекува да трае до четврток, а пресудата на тричлениот совет е закажана за 25 март.
Блатер и Платини постојано негираа дека сториле нешто лошо. Тие тврдат дека постигнале вербален договор, ФИФА да му плати на Платини за недоговорна работа што го советувал Блатер за време на неговиот прв претседателски мандат од 1998 до 2002 година.